Skip to content

Проф. д-р Елизабета Бандиловска е добитничка на наградата „Зборот на Конески“

Збирката песни „Скршена тишина“ е четврта поетска книга на авторката и професорка на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, објавена како издание на „Бата прес“ во 2025 г. Имаше три промоции одржани во Скопје, Велес и Ресен. Промотори и рецензенти на книгата се проф. д-р Мито Спасевски и м-р Ели Маказлиева. Ова се мали извадоци од нивните рецензии:

„Скршена тишина“ е изобилство од метафори и тајни јазични кодови, присутни во секоја песна, умешност на поетесата да го облекува секој стих во различна маска, не откривајќи ги аспектите на карактерот, а предизвикувајќи ги убавината и сложеноста на поетските чувства.

„Скршена тишина“ е поетски ракопис што нуди соговорништво, многустран книжевен и творечки разговорник што авторката сака да го стави пред книжевното огледало и да ги отвори портите за прочит, а поетските ќепенци за наслада на допадливата поетика на Елизабета Бандиловска.

Проф. д-р Елизабета Бандиловска е добитничка на наградата „Зборот на Конески“ за 2025 година, награда што ја доделува КЕЦ „Небрегово“ за нејзиниот целокупен наставен и научноистражувачки придонес во областа на македонскиот јазик и во насока на зачувување и продолжување на ликот и делото на Блаже Конески.